Љубовни измами

Научете што е љубовна измама и како измамниците градат врска, а потоа ја злоупотребуваат довербата на тоа лице за да му украдат пари или да го измамат и да го натераат да направи нешто незаконско.

Што е љубовна измама?

Љубовните измами го користат начинот на кој луѓето го користат интернетот за да најдат љубов и партнери, особено од странство.

Нема ништо лошо во тоа да сретнете некого онлајн или да имате романтична врска со некого што не сте го сретнале, но измамниците го користат ова за да ги таргетираат и мамат луѓето.

Љубовна измама

Како функционира љубовната измама

  1. Измамникот контактира со вас преку социјалните мрежи или некоја агенција за средби што веќе ја користите.
  2. Тој вообичаено е многу трпелив и чека недели или месеци пред да ја започне измамата.
  3. Најпосле ќе изјави дека ве сака и ќе спомне дека има некакви проблем.
  4. Ви бара пари или ви бара да примите пари во негово/нејзино име.
  5. На почеток износот е мал, но ако го платите, измамникот ќе бара сѐ поголем износ пари.
  6. На крај, измамникот ќе исчезне кога парите ќе ви завршат или кога ќе го обвините дека е измамник.
  7. Во ретки случаи некој измамник ќе ви побара да патувате за да го сретнете. Постојат опасности поврзани со вакви случаи и треба да ги одбегнувате.
Примањето пари од некој измамник може да биде облик на перење пари и претставува криминално дело. Никогаш не прифаќајте пари од некого кого не го познавате.

Како да се заштитите од љубовни измами

Овие измами функционираат со манипулирање на вашите чувства и со потпирање врз вашата природна и нормална доверба во лице кое сметате дека ви е пријател или нешто повеќе од пријател. Секогаш помнете:

  • на измамниците им е лесно да ве лажат кога сте онлајн, и лицето коешто никогаш не сте го сретнале лично може да се претставува онака како што сака
  • внимавајте на неочекувани љубовни изјави, особено ако тоа лице тврди дека во животот доживеало трагедии што можеби се слични на вашите
  • измамниците препотчитаат да користат апликации за шифрирани текстуални пораки, како што се WhatsApp, Telegram и Discord
  • ако тоа лице одбива да ве сретне лично, па дури и да разговара со вас преку видеоповик, тоа често е знак дека се работи за измамник.

Љубовните измамници понекогаш изнудуваат интимни слики или видеозаписи од нивните жртви. Тие ги користат тие слики или видеозаписи за да ве уценуваат, така што ви се закануваат дека ќе ги пратат кај вашето семејство и пријатели. Ова е облик на злоупотреба врз основа на слика (image-based abuse).

Што да правите ако ве измамат

Ако мислите дека сте се вмешале во љубовна измама, важно е да не се срамите, туку да делувате брзо за да ги заштитите вашите финансиски средства и идентитетот:

  • контактирајте со вашата финансиска институција за да ги измените лозинките или да ги откажете/издадете повторно кредитните или дебитните картички
  • изменете ги важните лозинки, како што е онаа на вашата главна адреса за е-пошта и лозинката што ја користите за да се најавите на компјутерот
  • пријавете го измамникот на платформата на социјална мрежа од која измамникот контактираше со вас. Официјалните интернет-страници на Facebook, Twitter, Instagram итн. имаат информации за ова.
  • пријавете ја измамата кај Службата за следење измами на Австралиската комисија за конкуренција и потрошувачи (ACCC's Scamwatch service) на www.scamwatch.gov.au/report-a-scam. Оваа интернет-страница вклучува образец што можете да го пополните, и исто така, дава врски и информации како да добиете помош.

Кога се сомневате дека вашата електронска врска е измама, веднаш престанете да контактирате со измамникот. Не обвинувајте го, бидејќи може да се обиде брзо да украде пари од вас пред да имате доволно време да ги обезбедите вашите финансиски средства.